info@aries.com.mk + 389 47 22 41 55 + 389 47 22 41 56 +389 72 22 81 55

Кога се сака, сè се може: Млади луѓе објаснуваат како плаќаат за своите патувања

Print Friendly, PDF & Email

Генерацијата Y, или Millennial, како што некои ја нарекуваат, е генерацијата на млади луѓе родени од средината на осумдесеттите па сè до почетокот на новиот век. Важат за генерација која сака да одлага некои важни работи во животот, како што се стапувањето во брак или основањето семејство. Честопати се обвинувани дека го одложуваат влезот во „сериозниот живот“ пред сè затоа што не секогаш сакаат веднаш по студиите да започнат со кариера или дека не се мотивирани да работат.

Друга битна карактеристика на младите од Генерацијата Y е тоа што тие патуваат повеќе од која било друга генерација. Не бараат добри хотели, луксузни крстарења или скапи коктели купени на плажа, туку се заинтересирани за културниот аспект на патувањата и искусувањето на местата од локална перспектива. А, за такво патување не се потребни многу пари, но потребна е желба и љубопитност за опкружувањето. Како овие млади луѓе кои не сакаат да работат сепак наоѓаат начин да патуваат и да видат повеќе од другите? Во продолжение следуваат неколку објаснувања од такви кои доста пропатувале.

Кога се сака, сè се може: млади луѓе објаснуваат како плаќаат за своите патувања

 

„Патувањето го направив приоритет. Размислував вака: ‘Хм, за цената на таа чанта би можела да летам до Чарлстон и да ја посетам пријателката’, или: ‘Неделава ќе готвам сама, а оние 100 долари што ќе ги заштедам ќе ги потрошам на вечера во Лондон’. Тоа беше психолошка игра ама знаев дека единствениот начин да стигнам каде било е да си платам самата за себе.“ – Катка Лапелосова

„Летото пред да се преселам во Франција за да предавам англиски работев како бебиситерка за да заработам повеќе пари за патување. Штом стигнав во Франција веќе примав мал месечен надомест, а подучував англиски за пари и во слободното време. Освен тоа, самата си готвев дома, пешачев каде и да одев и штедев на кафиња и излегувања. По завршувањето на мојот 7-месечен договор имав заштедено доволно пари за комотно да патувам два месеци по југот на Франција. Workaway исто така е доста добра опција за штедење за која се интересирав, но сè уште немам искуство со тоа. Тој веб-сајт ви дава бесплатно сместување насекаде по светот за неколку часа работа во денот!“ – Пејџ Смит

„За време на моето скитање јужно од Алјаска работев со група жени изработувајќи перничиња за масажи и рендиња за сирење. Поминував по 12 часа на ден покрај 65-годишна жена чија исхрана се состоеше од коктел од психотропни дроги и топли лименки Кока-кола. Иако работевме насекаде по западниот брег, помеѓу патувањата имав слобода да кампувам во шумите на Северна Калифорнија, да ги истражувам пиварите во Денвер и да киснам во врелите извори во Ново Мексико. Продавањето на кинеско ѓубре не направи да се почувствувам гламурозно, но ме однесе до следната дестинација, а тоа беше сè што сакав.“ – Карлин Круг

Кога се сака, сè се може: млади луѓе објаснуваат како плаќаат за своите патувања

 

„Работам шест недели со три недели одмор на нафтена платформа во Гвинејскиот Залив во Западна Африка како менаџер на терен. Тие шест недели се долги 12-часовни работни денови седум дена во неделата, но трите недели одмор се мои. Тие доаѓаат со авионски билет до каде што ќе посакам. Треба само да одлучам каде сакам да одам.“ – Џенифер Мелрој

„Работам за компанија која врши научни истражувања во различни земји од светот. Работиме заедно со волонтери, ги едуцираме и правиме истражувања во повеќе области. Досега со нив сум работел во Тајланд, Еквадор и Костарика. Додека работиме, ни го покриваат скромното сместување и храната, па иако не сум добро платен, тоа е доволно да скокнам до околината.“ – Сатеш Венкатеш

„Јас и моето момче пред околу три години решивме да го направиме патувањето наш приоритет во животот. Во тоа време работевме канцелариска работа во Сиетл и не бевме задоволни со нашите перспективи. И двајцата работевме работа која не ја сакаме, па нашиот избор беше да продолжиме така како што беше или да најдеме други работи. Но, ние си создадовме трета опција – да патуваме. Ни требаше околу една и пол година да работиме и штедиме за да собереме доволно пари со кои ќе издржиме една година. Потоа дадовме отказ и заминавме. За време на патувањата волонтиравме преку HelpX и Workaway за да ги намалиме трошоците и секогаш баравме хостели со кујна за да готвиме колку што е можно повеќе.“ – Џина Корзилја

„Пред да си го спакувам животот во ранец и да се качам на возовите кои кружат околу Америка, работев шест месеци како бебиситерка. Додека бев на пат пишував за Listverse, кои плаќаат 100 долари за еден текст, а можеш да пишуваш за што сакаш. Тоа беше лесно за пишување и, како што знаете, кога си на пат на располагање ти се сите извори на информации, па идеите лесно ми доаѓаа. Ретко јадев во ресторани и воглавно готвев во кујните на хостелите или кај моите домаќини од Каучсурфинг, што беше едно од најдобрите искуства од моето патување. Среќавање на други патници кои би ти дозволиле да спиеш на нивниот кауч? Тоа е извонредна придобивка за човештвото.“ – Шенон Гадбери

Кога се сака, сè се може: млади луѓе објаснуваат како плаќаат за своите патувања

 

„Моите најрани патувања беа финансирани од моето прекрасно семејство, пријателите и црквата, затоа што многу волонтирав, главно со Habitat for Humanity. Потоа дознав дека ако си лидер на тим, летот ти е покриен. Кога наполнив 25 години (бараната возраст) завршив обука со Habitat for Humanity. Оттогаш со мојот сопруг водиме тимови и тоа ни ги покрива скоро сите трошоци, а си покриваме само она малку што не ни е покриено.“ – Кејт Шевон Малиган

„Ова лето патував во Македонија цел месец, каде можев да преживеам благодарение на тоа што работев ноќни смени во хостел. Беше супер. Сретнав многу луѓе додека работев таму, добив бесплатно сместување и појадок, па дури го имав на располагање и сето овошје од градината на хостелот. Можам да кажам дека ова беше моето прво големо патување, не се вратив побогат, но гордо тврдам дека станав помудар. Сега пак сум во мојата земја, каде што учам за да станам професор по шпански јазик. Се надевам дека во иднина, помеѓу работата во хостел, предавањето шпански и хонорарното пишување, и патувањата ќе доаѓаат едно по едно.“ – Марко Делгадо

„Во минатото предавав англиски во Јужна Кореја, а во моментов живеам и работам во Канада. Се трудам да живеам скромно и да заштедам колку што можам додека работам на едно место, а потоа заминувам на патување од неколку месеци. Во моментов работам на решение кое ќе ми овозможи да живеам и работам од која било локација.“ – Мери Кинг

Ако овие искуства ве инспирираа и сакате да почнете сопствена авантура, прочитајте како може да си овозможите патување со мал буџет: како до евтин транспорт и евтин престој.

About the Author