Аплицирав пред две години, аплицирав минатата година, а истото го направив и годинава. Ќе го правам тоа сè додека не добијам одговор „избрани сте“. Веќе имам и семејство и сакам додека сме млади да заминеме во потрага по подобар живот.

Ова го вели Мики Мартиновски, 30-годишен автомеханичар од Скопје кој има факултетско образование и е еден од илјадниците македонски граѓани што се пријавуваат секоја година за иселеничка виза за Соединетите Американски Држави.

(Принтскрин)

 

Аплицирањето е исклучиво на интернет-страницата на Конзуларното биро на САД и е бесплатно. 

Имам добра работа, но сепак аплицирам

Вообичаено во последните денови од едномесечниот период за аплицирање, кој беше отворен на почетокот од октомври, турканицата на интернет-страницата на Конзуларното биро е најголема и затоа побрзајте. Таа можност ја користат и голем број македонски граѓани.

Њујорк (Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

– Имам добра работа, но не знам што ќе биде по две години. Никој не ме тера сосила да одам, но ако и тогаш ситуацијата е таква да биде подобро за живот надвор отколку во Македонија, нема да се премислувам и ќе го почнам процесот за добивање на визата. Секако, тоа зависи од тоа дали ќе ме изберат на лотаријата. Не сум во брак, но ако дотогаш стапам, и двајцата ќе заминеме – вели 33-годишна менаџерка од една скопска фирма, која замоли да остане анонимна.

Според податоците на Конзуларното биро на САД, за 2014 година среќата за иселеничка виза на лотаријата си ја побарале околу девет милиони и 400 илјади луѓе од целиот свет, а за имигрантската програма за 2015 година аплицирале околу девет милиони и 374 илјади „сонувачи“ за своја американска иднина.

Од Македонија: За 2014 аплицирале 12.432 лица, а избрани се 421

Сепак, САД своите врати за „зелени“ имигранти ги отвораат само за 50.000 луѓе годишно. Според статистиките на Бирото, се забележува дека жителите на земјите од Балканот се меѓу тие што почесто добиваат зелена карта. Од некогашните ју-републики, пак, најсреќлии се апликантите од Македонија и од Србија.

Американски патишта (Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

За оваа година можност да добијат иселеничка виза им беше дадена на 421 македонски државјанин, при што од земјава се пријавиле вкупно 12.432 лица.

Сепак, овие бројки не значат дека сите тие ќе ја добијат толку посакуваната иселеничка виза. Во просек, само половина од избраните, на крај добиваат Зелена карта. Дел од нив се откажуваат, дел прават пропусти во процедурата, а дел не ги исполнуваат строгите критериуми.

Ги избираат, но половина од нив се откажуваат

Тие што аплицираат годинава се обврзани в година во мај на интернет-страницата на Бирото да проверат дали се избрани. Доколку во проверката, по внесување на бројот за потврда, добијат известување „Вашата апликација е избрана“, треба самите онлајн да го почнат процесот за вадење на зелената карта.

Набрзо ќе добијат и известување од страна на американската амбасада со инструкции за следните постапки.

Прием во американска амбасада по повод 4 Јули (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

–  Имавме интервју со сите македонски граѓани што беа избрани и им издадовме визи на тие што се квалификуваа до 30 септември. Тие што ќе ја добијат визата мора да влезат во Соединетите Американски Држави во рок од шест месеци, од датумот на нејзиното издавање. Во некои случаи, селектираните избираат да не ја продолжат својата апликација или, пак, воопшто да не се појават на терминот кога им е закажано интервјуто за виза – објаснува за „Телеграф“ Грег Бернстин, шеф на Конзуларното одделение на Американската амбасада во Македонија.

Како што ни објасни, причини за откажувања, односно неквалификувања има повеќе. Некои од старт немаат доволно образование, односно најмалку четиригодишно средно образование, како и уште две години работно искуство, во последните пет години. Но, има и такви што не ја издржуваат процедурата докрај. Така, од избрани 421 лице за годинава право да заминат добиле само околу 200 македонски државјани.

Секој брак склучен по аплицирањето се проверува дали е вистинит

– Се работи за голема животна одлука и на луѓето, веројатно поведени од мислата дека аплицирањето е едноставно и бесплатно, лесно им е да пополнат апликација, но кога ќе се соочат со процедурата и со помислата дека навистина треба да ја напуштат земјата, се премислуваат – вели Бернстин.

(Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

Тој нагласува дека некогаш има и неправилности во апликациите. Вели дека е исклучително битно само еднаш да се пополни апликацијата зашто во спротивно, компјутерскиот систем автоматски прави дисквалификација.

Воедно, неопходно е секој да наведе точни податоци за неговата брачна состојба и за бројот на деца, доколку ги има.

– Доколку некој не внел дека има дете, кое е веќе родено кога аплицира, тогаш, и да бил избран во лотаријата, ќе нема право да ја продолжи процедурата – нагласува Бернстин.

Сепак, додава дека тие што стапиле во брак откако веќе било аплицирано, имаат право во процедурата да го вклучат и новиот брачен другар. Но и двајцата ќе мора да докажат дека бракот е реален, а не склучен само заради добивање зелена карта.

(Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

– Дали бракот е реален, се оценува преку разговор со службеникот од Конзуларното одделение во Амбасадата. Доколку оцениме дека е склучен само заради имиграција, тогаш следува дисквалификација – објаснуваат од Амбасадата.

Потребна е „дебела“ банкарска сметка

Меѓу другите неопходни критериуми што треба да се исполнат е кандидатите да имаат и доволно пари на банкарски сметки, или пак роднини во САД кои ќе можат да се грижат за нив откако ќе пристигнат во земјата.

– Треба да имаат средства со кои ќе се издржуваат себеси во почетокот. Не можат да очекуваат од старт да влезат во рамките на социјални програми и дека државата ќе се грижи за нив – објаснува Бернстин.

Американска виза (Фото: Beijingholiday.com)

Неопходно е добро познавање и на англискиот јазик, па, како што објаснуваат од Амбасадата, во поголема предност се тие кандидати што веќе на кој било начин престојувале во САД, биле дел од студентска размена и кои веќе го познаваат американското општество.

Вообичаени се и здравствени прегледи, а избраните кандидати треба да докажат дека немаат зад себе криминално минато и дека не се водат актуелни судски постапки против нив. Неодминливи се и трошоците, при што секој треба да си ја плати и имигрантската виза, која чини 330 долари.

Клучен миг во целиот процес е интервјуто во амбасадата, на кое, иако се платени сите потребни трошоци, избраните можат да добијат и негативен одговор, по што немаат право да бараат рефундирање за направените трошоци, ниту пак да приговараат на таквата одлука.

Чикаго (Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

За 2015 година од Македонија се избрани 436 лица

Според досегашните податоци на Бирото за имиграција на САД, заедно со Македонија (избрани 421 лице), голем интерес има и од Србија. Така во лотаријата за 2014 година се избрани 582 српски државјани. Од другите земји на некогашна Југославија добро се држат жителите на Босна и Херцеговина, од каде што на лотаријата за оваа година биле селектирани 153 лица.

Од Хрватска се избрани 125 апликанти, од Црна Гора 20, а од Словенија одвај 14 лица. Од Косово, пак, чии граѓани имаат право да аплицираат како независна држава, право да го почнат процесот за зелена карта годинава добиле 257 лица.

(Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Слична е бројката и за 2015 година. Така од Македонија во лотаријата за иселеничка виза во 2015 година се избрани 436 македонски државјани, од пријавени 18.669 лица. Од Србија, пак, во процесот за зелената карта успеале да влезат 399 лица. Косово повторно има висока позиција со извлечени 227 граѓани.

По нив, од некогашните ју-републики за 2017 година на зелена карта ќе можат да се надеваат 171 државјанин на БиХ, 87 Хрвати, 16 Црногорци и 11 Словенци.