Print Friendly, PDF & Email

ЗОШТО ЛЕФКАДА ТРЕБА ДА БИДЕ ВАШАТА СЛЕДНА ДЕСТИНАЦИЈА?

Лефкада е грчки остров кој излегува на Јонско Море. Опкружена со природни бисери и убавини, Лефкада многумина остава без зборови дури и по неколку нејзини посети. Сметајќи се за еден од најубавите и највозбудливите острови во Грција, Лефкада нуди неверојатни искуства и доживувања кои ќе ги паметите до крајот на животот. Островот е одличен избор за сите оние кои бараат дестинација која ќе им овозможи и возбудливи случки и релаксирачки моменти за време на престојот. Епа, потрагата може да заврши бидејќи Лефкада го има сето тоа и повеќе! Бидете спремни вашите очекувања да бидат надминати!

Топ 5 плажи во Лефкада

Pefkouli – Пефкули е една не толку популарна плажа само 10км оддалечена од главниот град Лефкас. Достапна со автомобил, плажата нуди бесплатен паркинг само 50м оддалечен од истата. Пефкули ќе ве магепса со тиркизно-зелената боја и прекрасните зајдисонца кои се едни од многуте уживања кои таа ги нуди.

Milos –  Милос е доста популарна песочна плажа која се наоѓа јужно од селото Агиос Никитас. Многу ја сметаат за најубава плажа на целиот остров и е една од најпосетените во Лефкада. До Милос се стига со брод или пешачење, иако за во блиска иднина се планира и пат кој ќе го поедностави пристапот до  неа. Предизвикот да се стигне до неа, ја прави Милос една од најдискретните и најпосакуваните плажи на островот.

Egremni – Уште една лесно достапна песочна плажа која ќе ве остави без здив! Егремни е една од главните причини зошто треба да ја посетите Лефкада. До земјотресот во 2015, до плажата се слегуваше по фамозните скали, но поради штетата нанесена од непогодата денес до Егремни не стига само со брод.

Kathisma – Често преполна, Катизма е една од најпосетените плажи на островот, и дефинитивно најпосетена од листата. Конвенцијалноста и лесниот пристап до плажата ја прават Катизма избор број еден од странските посетители. Не само што е лесно достижна, туку плажата нуди и голем број на бич барови и таверни, што најмногу ја привлекува младата популација. Во потрага сте по тиркизна вода и добра забава? Тогаш, Катизма е правото место за вас!

Porto Katsiki – Една од најголемите а можеби и најголемат аатракција за крај! Порто Кацики е оправдано избрана за најдобра плажа во Лефкада. Песочна плажа која нуди неверојатен панорамски поглед кој ќе ве воодушеви. До неа се стига со автотомобил или брод. Оддалечена е 36км од Нидри и 30км од Агиос Никитас. Патувањето со автомобил додатно ќе го збогати доживувањето со неверојатни пејсажи кои ја красат Лефкада.

Топ 5 активности за туристи во Лефкада

Лефкада нуди разновиден спектар на активности за секој вкус. Од авантуристички дух, до лежерни прошетки крај островските знаменитости. Ќе издвоиме неколку активности за сечиј вкус, кои ќе го збогатат вашето патување со нови возбудливи искуства.

Nydri Waterfalls – Водопадите во Нидри се одлична опција за анантуристи и планинари кои сакаат да уживаат во поактивен одмор. Патеката која води до водопадите е лесна и исполнета со прекрасни глетки на околната природа. Водопадите создаваат прекрасен природен базен каде може да се разладите после летното пешачење.

Археолошки музеј на Лефкада –  За љубопитните посетители на Лефкада, и оние кои сакаат дел од времето да поминат на “суво “, посета на еден од највпечатливите музеи на островот е совршен избор. Пронајдоци од античките градови во земјата се презентирани токму во овој музеј.

Бродски екскурзии – Голем број од туристичките посетители се одлучуваат за еднодневни тури со брод. Овие екскурзии се препорачуваат за оние кои сакаат во краток временски период да ги посетат најубавите плажи на островот и многу други места карактеристични за Лефкада.

Посета на најдобрите винарии во регионот – Производството на вино во регионов датира уште од античко време. За среќа на љубителите на вино, на островот има три винарии отворени за туристи. Karsanikos и Sifloko на север, и Lefkas Earth Winery на југот од островот. Доживејте едно поинакво искуство исполнето со забава и декустирајте ги најдобрите вина произведени во овој регион.

Mountain Biking – Речиси три четвртини од релјефот на островот е планински и заради тоа е често посетуван од планински бициклисти. Многу ентузијасти доаѓаат со цел да поминат барем ден возејќи по планинските предели на Лефкада. Постојат и компании кои ќе ве снадбат со неопходната опрема за оваа авантуристичка активност што го прави ова искуство лесно достапно за секого.