info@aries.com.mk + 389 47 22 41 55 + 389 47 22 41 56 +389 72 22 81 55

Швајцарците против ограничување на доселувањето

Print Friendly

Швајцарците против ограничување на доселувањето

Граѓаните на Швајцарија денеска (30.11) се изјаснија против уште подрастично ограничивање на доселувањето во земјата.

На референдумот во Швајцарија, во сите 18 кантони каде до попладнево беа пребројани гласачките ливчиња, иницијативата „Стоп за пренаселеноста“ доживеа неуспех. За да успеат, иницијативите треба да имаат мнозинство гласови од оние што излегле да гласаат, како и мнозинство од вкупно 26-те кантони. Таканареченото Екопоп-здружение сакаше да постигне законско ограничување на миграцијата на 0,2% од населението во земјата. Тоа би значело дека годишно само нешто повеќе од 16.000 луѓе би смееле да се доселат во Швајцарија. Во текот на изминатите години во земјата се доселуваа повеќе од 80.000.

 

Швајцарија во моментот има малку повеќе од 8 милиони жители, кои секоја година се за 1 процент повеќе. Федералната канцеларија за статистика смета дека во 2035. година во Швајцарија ќе живеат 8,84 милиони луѓе додека пресметката на Екопоп е многу подрастична: тие тврдат дека веќе во 2025. ќе има 10 милиони жители и оти таа бројка во 2050. година ќе порасне на 13, 8 милиони.

Најголема поддршка Екопоп ужива кај владините критичари и луѓето кои заработуваат малку. Швајцарската народна партија – десницата, исто така е официјално против иницијативата, иако дури 60 проценти од нејзините симпатизери го поддржува ограничувањето на доселување.

Токму Народната партија во февруари го протурка референдумот кој бара неодредени квоти за доселување. Оваа иницијатива беше насочена против државјаните на членките на ЕУ кои масовно заминуваат на работа во Швајцарија. Власта има уште две години навистина и да ги одреди квотите, но секој конкретен потег дополнително би ги затегнал односите со Брисел. Поголемиот број политичари пред новиот референдум предупредија дека позитивен исход на иницијативата на Екопоп би значел дефинитивен крај на билатералните односи со ЕУ.

На референдумот денеска се гласаше за уште две иницијативи, кои исто така не добија доволно мнозинство гласови. Иницијаторите на т.н. Злато-иницијатива предлагаа Централната банка на Швајцарија да се обврзе да ги зголеми своите резерви со злато од актуелните 7 на 20 проценти од својот капитал. Отфрлена е и иницијативата чија цел беше укинување на даночните привилегии за богатите странци.

About the Author