info@aries.com.mk + 389 47 22 41 55 + 389 47 22 41 56 +389 72 22 81 55

Убавото момче што мириса на Молика

Print Friendly
Легендата вели, Пелистер бил некое убаво момче во кое се вљубиле две сестри. Мајка им, гневна на нивната љубов, ги избркала в планина и ги проколнала да бидат блиску една до друга, а сепак да не можат да се видат.
Сестрите талкале низ планината и совладани од замор и очај, што поради несудената љубов, што поради суровата мајчина клетва, се фрлиле на земјата и почнале да плачат. Од нивните солзи се создале две преубави сини езера – Пелистерски очи.
 
До нив се доаѓа по неколку патеки, која од која поживописни. На Големото Езеро се наоѓа планинарскиот дом „Димитар Илиевски‐Мурато“, наречен во чест на нашиот херој што го развеа македонското знаме на врвот на светот – Монт Еверест, на 10 мај 1989 година.
Toj и членовите на македонската експедиција први ја вброија Македонија во една од ретките земји чиешто знаме се виори на врвот на светот. Нека му е вечна слава!
 
Географски, Пелистер е највисокиот од 24-те врвови повисоки од 2.000 метри на планината Баба. Истото име го носи и националниот парк што во своите прегратки крие вистинско богатство од растенија, риби и цицачи.
Кафеавата мечка може дури и во живо да се сретне (селаните со викање и удирање во тенџериња ги бркаат мечињата кои ќе заталкаат во селските бавчи, со цел да ги избегнат средбите со „грижливите мајки“).
Шумата е преполна со чаеви, зачини, јагоди, боровинки, печурки, мед… Така е на Пелистер, луѓето се грижат за шумата, а таа се грижи за нив. Климата е мека медитеранска, целата област се капе во сочно зеленило, а Егејот молчешкум го шири својот морски здив преку планината.
 
Пелистер е познат македонски ски-центар и се наоѓа на 1.420 метри надморска височина. На само сто метри од почетната станица на двоседешницата се наоѓа хотелот „Молика“.
    
Името го носи според петтоигличниот бор молика – откриен од австрискиот ботаничар Аугуст Гризебах во 1839 година, вид што го има само тука. На крајната точка на скијалиштето се наоѓа планинарскиот дом „Копанки“ на 1.610 метри надморска височина.
Одиме да преспиеме во вилата „Дихово“, во подножјето на Пелистер. На десет минути од Битола се наоѓа овој мал семеен бизнис што е вистински пример како треба да се прави тоа.
Старата камена куќа на два ката со мал дрвен чардак на горниот кат е комплетно реновирана и уредена со рачно правен дрвен мебел.
Целата дрвенарија е рачно изработена и обработена. Широки кревети, со постелнина од природни материјали и поглед низ прозорецот што ве тера да се штипнете за да се уверите дека не сонувате.
    
Во дворот – летна кујна каде што ќе ве послужат со домашна пита за појадок, кајмак, домашен путер и планински чај со мед од шумите на Пелистер.
 
Идејниот творец на овој мал рај е Пеце – натурализиран скопјанец, чиишто мајка и татко се одговорни за функционирањето на вилата „Дихово“. „
Пораснав во Дихово и кога сум на работа во Скопје секогаш ми недостасува воздухот, мирот и природата што те опкружува. Кој се родил на вакво место не може без активности во природа, па така јас сум страстен параглајдерист и планинар. Пелистер не само што ме влече како бизнис, туку и како духовно и телесно прочистување.“
На влезот има голема слива преполна со портокалови сливчиња. Береме и јадеме. Огромниот простор што човек тешко ќе го нарече двор, засаден со фино стрижена англиска трева.
   
Шетаме низ бавчата засадена со зелки со листови во сите нијанси на зелена, светлосина, розова и лилјакова боја, боранија, бамји, кромитчиња, жар црвени домати и модри патлиџани, а по ѕидот во заднината висат тиквички, чиишто портокалови цветови како да ти велат: набери ме и нарачај за ручек тава со полнети тиквички, домати и – полнети цветови од тиквичка.
„Сè што готвиме е од нашата бавча. Имаме и домашна ракија и вино од дрвени бочви, а правиме и различни видови на домашно пиво!“ Еве, да наздравиме, ова е темно младо пиво, го подготвува мајката на Пеце по старски рецепт дополнет со искуства на изработувачите на пиво од земјата каде што ова семејство долги години живеело. Oд онаа страна на планетата земја – Австралија!
За мојата чудесна земја да има што повеќе вакви места!
На здравје!
About the Author