info@aries.com.mk + 389 47 22 41 55 + 389 47 22 41 56 +389 72 22 81 55

Законски измени во условите за добивање канадско државјанство

Print Friendly, PDF & Email

 

 


Следејќи го своето ветување од пред изборите, се очекува дека новата влада на Канада каде мнозинство доби Либералната партија, наскоро ќе почне со воведување на нови измени во Законот за државјанство. Имено, како што изјави и самиот министер за миграција, прв чекор ќе биде укинување на контроверзниот закон Ц-24, кој беше донесен од страна на претходната влада каде мнозинството го имаше Конзервативната партија. Меѓу мерките во овој закон, беше наведено дека канадските државјани кои имаат двојно државјанство, ќе го изгубат канадското доколку биле осудени за тероризам, предавство или шпионажа.

Покрај тоа, со овој закон беше сменета возрасната граница кај задолжителното тестирање за познавање на јазикот. Ако претходно се тестираа сите лица од 18 до 54 годинишна возраст, со овој закон таа граница се прошири од 14 до 64 годишна возраст.

Либералите на својата кампања најавија дека планираат да ги укинат и сите услови кои се „не фер“ спрема странците и со кои им се отежнува добивањето државјанство. Една од главните причини за жестоките дебати околу Ц-24, беше воведувањето на поригорозните познавања на јазикот. Во телевизиско интервју, министерот Мекалум изјави дека размислуваат за враќање на возрасната граница до 54 години кога е во прашање тестирањето за познавање јазик.

„Со ова сакаме да ја прилагодиме ситуацијата за некои постари луѓе кои доаѓаат во нашата земја, а кои немаат толку големо познавање на англискиот јазик. Сепак, иако тие не го зборуваат јазикот течно, нивните деца, а особено нивните внуци, ќе го знаат одлично“, додаде тој.
Сè уште не е познато дали новата канадска влада ќе направи измени во веќе постоечкиот закон, или ќе донесе сосема нов. Пред да биде донесен Ц-24, странците во Канада морале да поминат од 3 од 5 години (1.095 дена) во земјата како постојани жители, со цел да можат да аплицираат за државјанство. За странците кои имале дозвола за привремен престој, како што се студенти или сезонски работници, важел двојно пократок рок. Со Ц-24, овој рок се зголеми од 4 до 6 години (1,460 дена), а одредбите за лицата со привремен престој повеќе не важеа. Исто така, со овој закон се зголеми и таксата за аплицирање за државјанство, од 100 на 300 долари.

 

 

About the Author