ТУНИС
Во срцето на Медитеранот, Тунис е земја во која се спојуваат илјадници години култура, земја на традиција и легенди, светлина и боја, контрасти. Со своите прекрасни долги и широки песочни плажи, бројни хотели и културно-историски споменици, привлекува многубројни туристи од целиот свет, кои во големи броеви доаѓаат да уживаат под топлото африканско сонце и водите на средоземјетео но и да ги истражуваат знаменитостите на бурното минато, како и непознатите на секогаш мистичната и убава Сахара.
Тунис е најмалата и најсеверната африканска земја лоцирана во северозападниот дел на најжешкиот континент. Најсеверната точка е оддалечена само 145 км од Сицилија. Од северот и истокот, нејзините брегови во должина од 1300км ги заплискуваат водите на Средоземното Море, на запад граничи со Алжир, а со Либија на југоисток. Околу 40 проценти од територијата – особено јужните и југозападните територии ги покрива пустината Сахара. Планинскиот венец кој е дел од Источен Атлас, сече дијагонално низ целата земја и ја дели пустината од медитеранската клима. Тунис има богата и долга историја, но најбурен период доаѓа од пристигнувањето на Феникијците – основачите на Картагина, во деветтиот век п.н.е., па станува збор за 3000-годишна историја и култура во која влијанијанието го менуваат Пуните, Римјаните, Арапите, Турците, Африканците и разни европски народи … се до доаѓањето на Французите и воспоставувањето на нивниот протекторат над Тунис кон крајот на 19 век. Домородците на Тунис се Бербери кои денес сè уште зборуваат берберски јазик. По бурната историја обележана од разни освојувачи, Тунис станува Република во 1957 година.